Белата куќа да го вратат фокусот врз Балканот пред тоа да го направи Русија
Работата на Балканот не е завршена. Последниот инцидент на напреварот Србија-Албанија потсети на кревките меѓуетнички односи во регионот. Само од Косово во моментов има 200 странски борци коишто се борат на страната на Исламската држава во Сирија, изјави американскиот сенатор Крис Мрфи во Вашингтон каде упати барање до Стејт Департментот и администрацијата во Белата куќа да го вратат фокусот врз Балканот пред тоа да го направи Русија.

Соединетите Американски Држави мора да го вратат своето влијание на Балканот, за да се спречат меѓуетничките тензии, приливот на странски борци за Исламската држава и руското влијание, изјави сенаторот Крис Мрфи во Вашингтон по посетата на регионот. Евроатланската интеграција на Западниот Балкан мора да продолжи, сметаат и американските експерти коишто директно го прашаа сенаторот Мрфи за приемот на Македонија во НАТО. „Македонија одамна ги исполни критериумите за членство во НАТО, но поради спорот со името со Грција е блокирана, изјави експертот на Универзитетот Џонс Хопкинс, Мајкл Халтцел, којшто побара од сенаторот Мрфи Вашингтон да притисне за решавање на спорот со името за да НАТО веднаш се прошири со Македонија.
„Двете страни, Грците и Македонците не се успешни во решавањето на спорот зошто ова е чуствително прашање. Но е прашање што може да се реши. Македонија би влегла во НАТО веднаш ако се реши спорот со името. Одлично ги помина сите квалификациите за членство“, изјави Мајкл Халтцел, експерт на Универзитет Џонс Хопкинс во Вашингтон.
„Полошо од проширување со една земја членка е повторно да нема проширување. НАТО полека ја затвора отворената врата за проширување. Се разбира дека има некои проблеми со земјите аспиранти како Грузија, за да им се даде покана за членство. Треба на сите јасно да им кажеме, на нашите сојузници и партнери во регионот, дека истите правила се уште се на сила во НАТО. Ме погодува што долго време го земаме здраво за готово напредокот што го направи Македонија“, рече Крис Мрф, американски сенатор Демократ од Конектикат.
Сенаторот истакна дека по терористичките напади на 11-ти септември, фокусот на американската политика е насочен кон Блискиот Исток, но Европа не смее да биде заборавена, истакна Мрфи, додавајќи дека Европската Унија лошо се справува со проширувањето со што би се стабилизирал и регионот на Балканот. „Унијата арогантно мисли дека не постои алтернатива на проширувањето, но постои Русија која се повеќе го зголемува влијанието на Балканот„, предупреди американскиот сенатор.
Поради загриженоста од руското влијание, се враќа интересот на американските сенатори за Балканот.
Ирина Гелевска
