Проблеми за вселенскиот туризам на „Вирџин Галактик“

31.10.2014 23:05

„Вирџин Галактик“ беше во последната фаза на подготовките за вселенски туризам, да ги носи богатите туристи 100 километри над Земјата, во суб орбитата каде што почнува вселената...

„Спејсшип 2“, шатлот на „Вирџин Галактик“ се урна во пустината Мохаве во Калифорнија по „сериозна аномалија“ за време на пробен лет. Едниот пилот загинал, вториот успеал да се катапултира на време и со хеликоптер е префрлен во болница. Шатлот експлодирал по одвојувањето од Вајткинг2, леталото што требало да го крене и кое слетало безбедно.

„Вселената е тешка работа, а денес беше тежок ден. Ќе соработуваме со истрагата за тоа што се случи денеска и ќе го надминеме ова. Иднината многу зависи од тешките денови како овој. Веруваме дека им должиме на луѓето што летаа и што работеа на овие возила да дознаеме и да продолжиме напред“, изјави Џорџ Вајтсид, директор на Вирџин Галактик.

„Вирџин Галактик“ беше во последната фаза на подготовките за вселенски туризам, да ги носи богатите туристи 100 километри над Земјата, во суб орбитата каде што почнува вселената. Повеќе од 800 богаташи веќе уплатиле по четврт милион долари за да ја почувствуваат бестежинската состојба. Директорот, ексцентричниот Ричард Бренсон е веќе на пат кон Мохаве. Американските медиуми ги извадија интервјуата од архивите.

„Конструирањето на таква ракета беше потешко отколку што мислевме. Ја градеа 200 од најдобрите инженери и техничари. Сега ја почнуваме последната фаза на пробни летови. До крајот на годинава треба да отидеме во вселената“, вели Ричард Бренсон, директор на групацијата „Вирџин“.

Ова е втора несреќа во комерцијалната вселенска индустрија за помалку од една недела, откако во вторникот веднаш по полетувањето од брегот на Вирџинија експлодираше ракетата Антарес на пат за Меѓународната вселенска станица. Копчето за самоуништување го притиснал контролорот на летот кога увидел дека има проблем.

 

Ивана Салтировска