Претседателот Иванов ќе учествува на средбата на Европската група на Трилатералната комисија

01.11.2014 10:26

Иванов ќе се обрати пред најголемите светски и европски банкари и индустријалци, како и поранешни и сегашни политичари, кои учествуваат на Трилатералната комисија, која првпат се организира во Србија...

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во српскиот главен град ќе учествува на 38-та средба на Европската група на Трилатералната комисија, што се оценува како собир на највлијателните луѓе во светот. Се очекува тој денеска да оствари средба и со српскиот премиер Александар Вучиќ.
 
Според најавите, Иванов ќе се обрати пред најголемите светски и европски банкари и индустријалци, како и поранешни и сегашни политичари, кои учествуваат на Трилатералната комисија, која првпат се организира во Србија.
 
На конференцијата, ќе бидат отворени теми кои се од интерес на Република Македонија и за регионот. Според српските медиуми темите за кои ќе се зборува се Западен Балкан, актуелни состојби, визии за иднината, енергенси, Украина...
 
Тоа е можност за размена на мислења за предизвиците со кои се соочува Република Македонија и земјите од регионот на патот на интеграциите, за состојбите и перспективите на регионот, брифираат од Кабинетот на Иванов.
 
На отворањето на 38-та средба на Европската група на Трилатералната комисија ќе се обрати српскиот премиер Вучиќ, како и Жан Клод Трише, поранешен претседател на Европската централна банка. Конференцијата е затворена за медиуми.