Лек на своја рака: Македонците користат два пати повеќе антибиотици од Европејците

01.11.2014 16:10

Користењето антибиотици без препорака од лекар не само што се на штета на здравјето на пациентот,туку и на идните генерации. И покрај апелите на здравствените работници, македонците и понатаму се лекуваат на своја рака...

Според статистиките македонците користат 2 пати повеќе антибиотици за разлика од земјите во Европа.  Со ваквото преголемото користење на антибиотиците веќе скоро сите бактерии кај нас станале отпорни на лековите. Поради оваа негативна појава Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје започна кампања со мото „Антибиотиците не се храна“, за да се влијае врз свеста на луѓето.

„Утре или другиден може да се случи да се разболиме од бактерија која што во моментов е нормален жител на нашето тело, и потоа да неможеме да ја излечиме таа инфекција“, вели д-р Голубинка Бошеска, национален координатор за анти микробна резистенција.

Лидер по користење антибиотици во регионов била Грција.

„Парадоксално е дека во топлите земји, 3 или 4 пати луѓето употребуваат повеќе антибиотиции лекарите препишуваат антибиотици, за разлика од Скандинавските земји. А во Скандинавија се вели дека половина од антибиотиците не се потребни“, истакна Никола Паноски, универзитетски професор.

И фармацевтите и лекарите велат дека граѓаните и при најмала настинка која може да помине сама од себе инсистираат да добијат лекови.

„Дел од населението ги прифаќа советите, на дел се трудиме да му објасниме дека тоа е штетно, но некако тешко ни оди“, вели Давор Трајковски, фармацевт.

„И при најобична настинка ние како лекари сме под притисок да препишеме антибиотици“, изјави Верица Миноска, лекар.

Пред камера пак никој од граѓаните не го признава ова.

„Неодам на лекар, се лечам дома со природни средства, чаеви, овошје, витамини“, велат анкетираните граѓани.

Но, сепак за жал бројките кажуваат друго.

Очигледно е дека граѓаните треба под итно да ја сменат својата свест и да престанат да земаат антибиотици на своја рака. Затоа што со тоа не само што си прават огромна штета на своето здравје, туку тоа ќе има големи последици и врз идните генерации.

 

Дарко Штаргоски