Еколошки ред за почист воздух: Клуч за Макстил, преполовено производство на Југохром
Клуч за челичарницата на Макстил, преполовено производство на Југохром до исполнување на еко – стандардите. Ќе се намалат емисиите на штетни гасови, граѓаните ќе дишат чист воздух, а работниците нема да останат на улица...

Владата ги дисциплинира големите индустриски загадувачи. После последниот рок што им го даде за усогласување донесе одлука - Југохром од Тетово ќе го намали производство за помлаку од 50 проценти, а со тоа ќе ги намали емисиите на штетни материи за 60 -70 проценти.
„Засилување на притисокот којшто дојде од страна на Владата со низа на изјави и од страна на премиерот и од другите министри, во последниот период од преземањето на фунцкијата и на министерот за животна средина, верувајте, вакво помрднување, во ваква насока немаше да се случи. Се работи за комбинати кои се на територијата 40, 50, 60 години. Работите се случуваат, нешто што се чекало 50-60 години, сега во овој момент се случува. Мислам дека треба да бидеме задоволни- нашата одлучност не престанува...“, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.
Макстил , пак, самата донесе одлука да ја затвори челичарницата. Нема да работи се додека не се направи поврзувањето на новата филтерска постројка. При донесувањето на одлуката Владата ги имала предвид освен еколошките, и социјалните и економските аргументи. Од Југохром зависи егзистенцијата на 1.250 семејства.
„Југохром во својата работа има голем број на локални добавувачи кои дел од работите ги извршуваат за Комбинатот, така што се работи за некаде 3 до 4 илјади луѓе кои директно зависат од Југохром. Нас ни беше целта да ги постигнеме еколошките стандарди, да направиме најдраматично намалување на загадувањето, но да не ја загрозиме судбината на овие луѓе“, нагласи Пешевски.
Вработени нема да се испуштаат ниту од Макстил, вели Пешевски. Макстил и Југохром имаа шест месеци рок за да го направат усогласувањето. Југохром исполни 21 од 29 зададени услови, а Макстил ги привршува обврските од оперативниот план.
Фиљана Кока
