Европските предизвици не може да чекаат- стартува мандатот на новата постава на ЕК

01.11.2014 17:08

Економијата и енергетската ефикасност и независност ќе бидат главните предизвици со кои ќе се соочува тимот на Јункер...

Од денеска, 1 ноември, започнува петгодишниот мандат на новата постава на Европската Комисија под раководство на поранешниот премиер на Луксембург, Жан Колд Јункер. Економијата и енергетската ефикасност и независност ќе бидат главните предизвици со кои ќе се соочува тимот на Јункер.

„Сега е време да ги насукаме ракавите и да се фатиме за работа. Европските предизвици не може да чекаат. Почнувајќи од денес, мојот тим и јас ќе работиме напорно за да и овозможиме на Европа нов почеток кој го ветивме. Заедно со мојот силен и искусен тим, со нетрпение очекувам да и го испорачаме потребното на Европа во текот на следните пет години“, изјави Јункер.

Инаку новиот состав на неформалната Влада на Европската Унија има 7 потпретсеатели, со далеку поголеми овластувања во споредба со тимот со кој раководеше Баросо.

Останатите 20 комесари за својата работа ќе мора да се кординираат со нив. Комесар за соседство и преговори за прширување е австриецот Јоханес Хан, и иако во следните 5 години ќе нема нови членки во Европската Унија, тој на сослушувањето пред пресатвницитете на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, пред точно еден месец, во однос на нашата држава се обврза дека за време на неговиот мандат ќе вложи максимален напор да го одблокира евроинтегративниот процес.

„Република Македонија ќе биде една од моите големи предизвици со кои ќе морам да се соочам во наредниот период, затоа што земјата е со кандидатски статус уште од 2005 година, но се уште неможе да ги започне преговорите со ЕУ. Ова секако има влијание на расположението кај граѓаните“, рече Хан.

На почетокот на следниот месец се очекува и промената на кормилото на Европскиот Совет. За потсетување новиот претседател е Доналд Туск кој на оваа позиција доаѓа директно од фунцкијата премиер на Полска и се смета за близок соработник на германската канцеларка Ангела Меркел.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник на МРТ од Брисел