Компјутерска томографија само во случај на неопходност!

01.11.2014 17:20

Здравствените власти со апел – на компјутерска томографија да се испраќаат само оние пациенти на кои им е неопходна. Анализите покажале дека за една година, речиси 43 илјади пацинети биле на снимање. Од нив, двајца биле дури 9 пати...

Речиси 43 илјади пациенти за една година во земјава направиле компјутерска томографија- покажуваат податоците од „Мој термин“. Двајца од нив се зрачеле дури 9 пати, некои направиле од 6 до 8 снимања. Значителен број снимања завршиле со негативен наод. Според здравствените власти, ова зрачење е 200 пати повисоко од рентгенското. Го загрозува здравјето и е причинител на карцином.

„Особено оние кои 9 пати се снимале дозата им е пречекорена,може да настанат и други проблеми. Оштетување на очи, оштетување на капилари и крвни садови, оштетување на кожа и појава на леукемија. Леукемијата е резултат на вакви прекумерни зрачења“, вели Јованка Костовска – Комисија за заштита од заразни болести .

Лекарот кој го упатува пациентот на компјутерска томографија е свесен за штетниот ефект од зрачењето, иако резултатот е многу важен за болниот. Надлежните  повикуваат специјалистите да издадат упат за пациентите доколку е навистина неопходно имајќи го предвид претходниот број радиолошки озрачувања.

Надлежните апелираат граѓаните да не инсистираат кај докторите за рентген снимања, туку да им веруваат и да им дозволат тие да постапат согласно стручната проценка.

 

Андријана Атанасовска