Македонија лидер во регионот во животното осигурување
Кај Македонците е забележана стапка на пораст на осигурување на имоти од 10 насто, но не и од катастрофални ризици. Сепак расте побарувачката за животни полиси...

Еден од 700 имоти е осигурен од земјотреси, а еден од 400 од поплави. Кај Македонците е забележана стапка на пораст на осигурување на имоти од 10 насто, но не и од катастрофални ризици. Сепак расте побарувачката за животни полиси.
„Вкупниот пазар на осигурување има пораст од 6,06%, и тоа во делот на неживотно осигурување од 4,6%, додека во делот на животно осигурување од 21,8%. Во делот на осигурување на живот ние сме лидери во земјите од југоисточна и централноисточна Европа“, нагласи директорот на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски.
Попоски смета дека ситуацијата со имотното осигурување се должи на ниската свесност на граѓаните, но и слабата понуда од осигурителните компаниии. Тие, пак, со најголем профит досега – во третиот квартал од годинава има пораст од 40 насто на профитот на осигурителни компании во однос на истиот период лани.
„Во Македонија веќе постојат 30 илјади граѓани кои користат животно осигурување, штетите се исплаќаат, а порастот на профитот зависи од штетите“, вели Дарко Дедиќ, Винер Лајф осигурување.
Поради високите приноси има и поголеми финансиски вложувања, 110-те милиони денари директно ќе влијаат на подобрување на економија, сметаат осигурителите.
Компаниите се солидно капитализирани – нивото на капитал е за 4 пати поголем од законски побараниот.
Лука Андреев
