Во рамките на акцијата „Ден за Вас“ кумановчани проверуваа дали им се платени придонеси
Министерството за труд и социјална политика проектот за отворена канцеларија го реализира во повеќе градови заедно со Фондот за ПИОМ и МАПАС со цел поголема транспарентност и доближување на услугите до граѓаните...

Во рамките на акцијата Ден за Вас граѓаните на отворен штанд на Грдаскиот плоштад имаа можност да видат дали работодавачите навремено ги извршиле обврските за пензиско и инвалидско осигурување. Акцијата привлече голем интерес кај граѓаните кои одблиску се запознаа со своите права и доколку се прекршени како да си ги остварат.
„Проверив и се е во ред, онолку колку што сум работел се ми е заведено и сите давачи се подмирени.“
„Добро е, генерално, задоволен сум. Имав само една дилема за стаж од 4 месеци што сум работел во Градски кина, го нема во евиденција. Но, службениците ми напишаа каде да се обратам и сметам дека ќе се реши и тоа.“
„Имам четири години работено во Јавно претпријатие, но еве сега дознав не биле испалатени придонесите. Тие платиле за 2 години, 4 месеци и 17 дена“, изјавија граѓаните.
Министерството за труд и социјална политика проектот за отворена канцеларија го реализира во повеќе градови заедно со Фондот за ПИОМ и МАПАС со цел поголема транспарентност и доближување на услугите до граѓаните.
„На овој начин им стоиме на располагање на осигурениците, да се информираат дали се им е исплатено во периодоте кога бил во работен односи и доколку не се платени придонесите им објаснуваме како оди постапката да го остварат тоа право. Им укажавме и на тоа дека ние внесуваме работен стаж , само доколку им е платен надомест за пензиско и инвалидско осигурување“, информираше Трајко Премчески, помошник директор на ПИОМ.
Инаку Куманово како најголема Општина има регистрирано над 20.000 осигуреници.
Габриела Димковиќ
