Фасада од 30 илјади школки во Охрид
Точно пред една година информиравме дека брачна двојка од Швајцарија која е доселена во Охрид започна да прави фасада од школки. Нивното уникатно дело е завршено и во него покрај сопствениците сега уживаат сите оние кои го посетуваат или поминуваат покрај нивниот дом...

Иванка и Бруно Гигер уживаат слушајќи ги низ 30 илјади школки брановите кои удираат на брегот од езерото. На брачната двојка која за свој дом го одбра Охрид и требаше една година за да ја направи фасадата од школки. Вложивме многу труд,велат тие,но таа е уникатна и единствена во светот.
„Па беше тешко, секоја работа е тешка. Меѓутоа многу беше тешко додека со сопругот дискутиравме кои мотиви да ги ставиме, каде ќе ги ставиме, колку ќе ставиме, дали е изводливо или не“, вели Иванка Гигер.
Покрај лебеди, пеперутки, сонца, риби и други мотиви направени од школки, домот на ова семејство го красат македонското и швајцарското знаме. Решивме да ги соединиме државните знамиња како што се соединети нашите срца, велат Гигерови.
„Бидеќи нема црвени школки бевме принудени да користиме боја, но за среќа најдовме црвени камчиња. Можам да кажам дека сум задоволен од она што го направивме“, вели Бруно Гигер.
За изработка на ваква фасада требаат илјадници школки, малку пари и многу труд. Домаќините не сакаа да ни ја откријат тајната со каков материјал ги лепеле школките, бидеќи сакаат да ја сочуваат уникатноста на нивната прекрасна куќа.
Сашо Нелоски
