Средствата за одбрана внимателно да се трошат!
Министерството за одбрана има склучено договори, спогодби, меморандуми и протоколи за соработка со 33 земји. Иако државата има бенефит од таквите договори, секогаш треба да се внимава да не се направи штета, велат експертите, бидејќи таквите примери не се ретки...

САД, Турција, Норвешка и Народна Република Кина се најголемите донатори на техника и опрема за потребите на Армијата. Од 96-та досега, американската влада донирала над 100 милиони долари, дел во опрема, дел за обуки.
Македонија е меѓу ретките земји која со САД има договор за партнерство и пријателство. Турција пак, донирала близу 20 милиони долари, а на високообразовните воени институции се школувале над 700-ни припадници на АРМ.
Армиските единици се опремени и со техника добиена од Германија, Италија, Швајцарија и Данска.
Секогаш мора да се внимава државата да не биде оштетена,вели пензионираниот генерал Митре Арсовски, посочувајќи го примерот со набавката на тенковските делови, што имаше и судски епилог.
„Тие што го потпишуваат договорот треба добро да внимаваат што и како потпишуваат. Парите што се дадени за одбраната треба добро да се размисли како се трошат“, вели генералот во пензија, Митре Арсовски.
Соработката во областа на одбраната се развива во рамки на стратегиските определби за интеграција во Европската унија и во НАТО, појаснуваат од одбраната. Спречувањето на пролиферацијата на оружјето за масовно уништување,заедничките вежби, едукација во центри и воени школи, обуки, курсеви за поддршка на мировните операции, соработка во борбата против тероризмот, во областа на военото здравство, се најчестите области на соработка.
„Договорите претставуваат само основа, понекогаш можеби се само празна хартија ако нема конкретни активности, но колку што јас знам, овие договори се искористуваат максимално од наша страна и имаме бенефит од сето тоа“, вели универзитетскиот професор, Стојан Славески.
Договорите не значат дека Македонија целосно се потпира на донациите, велат од одбраната. Земји членки на НАТО го користат полигонот Криволак за вежбовни активности, на воената академија се школуваат питомци од регионот. Интенција е наскоро во регионален да прерасне и Центарот за обука на пилоти.
Министерството за одбрана, првиот договор за соработка во областа на одбраната го потпиша со Република Турција на 24 март 1994 година.
Милчо Велески
