За социјално загрозените првите решенија за легализација идната недела

02.11.2014 16:31

Една третина од дивите објекти во државава се легализирани за да го забрза процесот, Министерството за транспорт и врски има и законски измени. Идната недела првите решенија за бесплатно легализиран имот ќе ги добијат социјално загрозените семејства...

Социјално загрозените семејства во државава идната недела ќе ги добијат првите решенија за  бесплатно легализираниот имот. Државата на свој трошок им направи и решенија и елаборати.

„Досега има поднесено околу 900 барања, а изготвени се околу 300 елаборати за легализираните објекти. Наредната недела веќе ќе почнеме со врачување на тие решенија. Значи, за соијално ранливите категории н граѓани бесплатни се и елаборатите и легализирањето на домовите“, вели министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Легализацијата е до 31 декември наредната година. Има и доста готови елаборати што стојат во геодетските фирми.

Досега во државава се легализирани преку 105.000 објекти што е една третина од поднесените барања на граѓаните. Процесот се ажурира и со законски измени. Ќе може да се легализираат  покрај магистрални и регионални патишта и за 10 насто е намалена цената на елаборатите. Од Министерството за транспорт и врски констатираат – многу зависи и од ажурноста на општините.

Граѓаните емотивни со тапиите в раце, прв пат по повеќе децении.

„Најубаво е. Да им оставам на синовите. Чиста работа“, вели Босилка Трајаноска од Прилеп.

„Сега е секој свој на своето и од денеска сум, фактички газда на она што сум го направил пред 30 години“, вели Менде Костоски од прилепското село Беровци.

Со 6.500 легализирани имоти, Прилеп е меѓу првите. Легализацијата ќе ги активира економските капацитети и индустриските зони и ќе го забрза донесувањето на генералниот урбанистички план на градот.

 

Елизабета Митреска