Една година од формирањето на тетовско – гостиварската епархија

02.11.2014 16:41

Пред една година, по смртта на владиката Кирил, некогашната полошко - кумановска епархија се подели на две нови. Денеска се одбележува годишнината. Во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан порача дека таквата одлука се покажало дека е оправдана. Една од мисиите е да заживее монашкиот живот и во Лешочкиот манастир...

Со света божествена литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово беше одбележана годишнината од формирањето на новата тетовско - гостиварска епархија. Интронизацијата на митрополитот г. Јосиф се одржа пред една година.

Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан чиноначалствуваше со едноцрквието во сослужение на повеќе архиереи.

Тој смета дека одлуката за поделба на полошко - кумановската епархија се покажало дека е оправдана.

„Добивме архиереј кој е и ќе остане верен на оној кој го постави, дека неговото слово ќе биде светилник за нозете и светлина за патеките на доверениот му народ“, рече во својот говор г.г. Стефан – Архиепископ охридски и македонски.

Во тек е обновата на соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово. Но, митрополитот г. Јосиф рече дека неговата мисија е и возобновување на духовниот и црковниот живот во тетовско - гостиварскиот крај.

„Во изминатата година целосно го реновиравме храмот „Св. Кирил и Методија“ во Тетово, а продолжуваме со комплетно реновирање на конакот на Лешочкиот манастир за следната година со поддршка од Министерството за култура“, најави г. Јосиф – Митрополит тетовско – гостиварски.  

Митрополитот г. Јосиф е особено задоволен што во црквите има се повеќе млади. Ќе се залага за заживување на монашкиот живот во манастирите во епархијата.

 

Зоран Јованоски