МРТ во кругот на Макстил: Раководните лица уверуваат- скопјани ќе дишат почист воздух!

02.11.2014 17:29

Над челичарницата ќе се постави „Елефант хаус“, хауба која ќе ги покрие двете печки. Два огромни аспиратори ќе ги извлекуваат емисиите на воздух и преку цевовод ќе ги носат во објект во кој ќе се лади воздухот...

Југохром ќе го намали производство за повеќе од 50 проценти. Макстил ја затвори челичарницата. Нема да работи следните два месеца се додека не се направи поврзувањето на новата филтерска постројка.

МРТ влезе во кругот на фабриката. Се работи на поврзувањето. Над челичарницата ќе се постави „Елефант хаус“, хауба која ќе ги покрие двете печки. Два огромни аспиратори ќе ги извлекуваат емисиите на воздух и преку цевовод ќе ги носат во објект во кој ќе се лади воздухот.

„Оладениот воздух оди на филтерска постројка кадешто ќе бидат екстрахирани сите честички, во рамките на параметрите зададени со прописите. Значи ние не смееме да оставиме ништо во воздухот. Тие честички одат во силос, се балираат, и понатаму има можност за нивно рециклирање“, изјави Митко Кочовски, директор во Макстил.

Прочистениот воздух ќе оди во 48 метарски оџак, на кој ќе има елктронски мониторинг со можност надлежните институции да проверуваат состојби актулни, но и состојби од претходни месеци.

Макстил беше прозиван долго време од јавноста поради наводно загадување на воздухот, имаше и протести. Ги прашавме жителите на населбите во близина како гледаат на поставувањето на постројката

„Поздравувам- се што е во домен на подобрувањето загаденоста на градот Скопје... Едвај чекаме- цела населба цело лето протестира... Редно беше... Се надеваме дека ќе биде добро, ние сме млади, треба да дишеме чист воздух“, велат жителите.

Раководните лица од Макстил уверуваат дека ќе придонесат скопјани да дишат почист воздух со вградувањето на постројката вредна 10,5 милиони евра којашто има потенцијал да прочистува воздух од 3,7 милиони кубни метри во час.

 

Фиљана Кока