Почнува 23-то издание на „Скомрахи“

03.11.2014 08:09

На отворањето в понеделник ќе биде изведена „Азизнаме“, испитна претстава на студентите по актерска игра во класата на проф. Елјеса Касо на ФДУ...

Факултетот за драмски уметности (ФДУ) од денеска до 6 ноември ќе биде домаќин на 23 „Скомрахи“ - Меѓународни средби на студенти од факултетите и академиите за драмски уметности, на кои ќе гостуваат студенти од Белград, Сараево, Загреб, Приштина, Софија и Љубљана.
 
Средбите ќе почнат и ќе завршат со претстави на македонски студенти - на отворањето в понеделник ќе биде изведена „Азизнаме“, испитна претстава на студентите по актерска игра во класата на проф. Елјеса Касо на ФДУ, а за затворањето во четврток со „Мизантроп“ - испитна претстава на студентите по театарска режија во класата на проф. Дејан Пројковски од Универзитетот ЕСРА.
 
Деканот на ФДУ Лазар Секуловски на прес-конференција во петокот најави дека „Скомрахи“ ќе понуди богата програма, особено филмска. Дел од проекциите ќе бидат на ФДУ, а дел во Кинотеката на Македонија. Театарските претстави ќе бидат на ФДУ, освен претставата на ЕСРА која ќе биде изведена во Драмски театар-Скопје. Влезот за сите настани е слободен за посетителите.
 
Покрај филмови и претстави, на „Скомрахи“ ќе биде промовирана и книга: „Политиката и изведувачките уметности“ од Џанел Рајнелт, која на 4 ноември на ФДУ ќе ја промовира проф. Ивана Вујиќ од Факултетот за драмски уметности во Белград.