Владина делегација предводена од премиерот Груевски по нови инвестиции во САД
03.11.2014 08:37
Економската посета почнува денеска попладне по американско време со бизнис форум во Њујорк што ќе го отвори премиерот Никола Груевски...

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски од денеска во наредните неколку денови ќе ги запознаат потенцијалните инвеститори од Њујорк и повеќе други градови во САД со можностите за правење бизнис во Македонија. Економската посета почнува денеска попладне по американско време со бизнис форум во Њујорк што ќе го отвори премиерот Никола Груевски.
Бизнис форумот ќе се реализира во соработка со групацијата „Фајненшл тајмс“ при што пред повеќе претставници на бизнис секторот од Њујорк и САД ќе бидат преставени инвестициските можности и потенцијали кои стојат на располагање за инвестирање во Република Македонија.
Се очекува премиерот Груевски пред и по бизнис форумот да има повеќе одделни работни средби со претставници на компании и странски инвеститори кои се заинтересирани за пренесување на својот капитал и негово инвестирање во Македонија. САД е една од водечките економии во светот и оттука е атрактивна за воспоставување на значајна економска соработка.
Владината делегација, во чиј состав се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции Веле Самак, Бил Павлевски и Џери Наумоф, како и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо, во наредните неколку денови освен Њујорк ќе посети и повеќе американски градови каде што на бизнис форуми ќе бидат преставени можностите за инвестирање и ќе бидат остварени контакти со инвеститори и претставници на компании од САД.
Њујорк е еден од најзначајните економски центри во светот и е глобално јадро на меѓународнииот бизнис и трговија. Њујорк е еден трите „командни центри“ во светската економија. Градот е центар на компании за финансии, осигурување, недвижен имот, прехранбена ндустрија.
