Подобрување на законската регулатива за забрзување на економскиот развој
Експертите нагласуваат дека домашните закони генерално се добри, но треба да работиме на нивно поголемо почитување...

Современата законска регулатива е предуслов за забрзан економски раст, а предлозите на бизнис заедниците ќе овозможат подобрување на постојните закони и нивно усогласување со европските директиви и стандарди во оваа област. Експертите нагласуваат дека домашните закони генерално се добри, но треба да работиме на нивно поголемо почитување.
Стопанската комора на Македонија заедно со Народната банка, Цринската управа, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Агенцијата за вработување на Конференција во Струга ќе ги разгледуваат можностите за подобрување на законската регулатива со цел забрзување на економскиот развој.
Ќе се дискутира новиот закон за финансиска дисциплина, законот за задолжница, постапките на граничните премини и царинското работење и слично.
Претседателот на Советот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Македонија, Костадин Дуковски оцени дека законската регулатива во моментов во Македонија е добра, иако посочи дека идеален закон нема и оти тоа се рамки и врз основа на анализи доколку има потреба се прават измени.
Емилија Нацевска од Народната банка на Република Македонија смета дека современ, модерен и ефикасен платен систем може да придонесе кон поголема прифатеност на безготовинските плаќања. Истакна дека со канализирање на готовината која циркулира надвор од банкарскиот систем таа ќе се стави во функција на натамошен економски раст.
Конференцијата што ја организира Стопанската комора на Македонија ќе се одржи од 13 до 15 ноември во Струга. Од Комората најавија дека таа ќе стане традиционална.
