Нов зелен појас oкoлу „РЕК Битола“ за почист воздух

03.11.2014 15:07

Освен капиталните инвестиции што столбот на македонскиот енергетски систем ги прави за намалување на штетните материи во воздухот во континуитет поставува и зелени појаси кои придонесуваат за почиста еколошка средина. Согласно со акциониот план започна засадувањето на 50.000 багремови садници. Повидливи ефекти се очекуваат со реализацијата на проектот топлификација на пелагонискиот регион...

Согласно со акциониот план за добивање на А интегрирана еколошка дозвола и декларацијата за енергетска политика на компанијата за почиста животна средина,  која е во согласност со европската енергетска политика„РЕК Битола“ започна уште една акција за холтикултурно уредување на околината. Имајќи предвид дека воздухот во Битолско е еден од позагадените во земјава, во оплеменувањето на зелениот појас без двоумење се вклучија и дел од средношколците.

„На оваа акција гледаме позитивно и со задоволство се вклучивме затоа што РЕК Битола сепак влијае на квалитетот на воздухот. Мислам дека ова ќе придонесе во напорите за еколошки почиста средина“, вели средношколката Данче Богдановска.

„Ме радува што ова пошумување ја буди свеста на младите“, вели нејзиниот школски другар Христијан Грујовски.

Од столбот на македонскиот енергетски систем велат дека вакви зелени појаси се поставуваат во континуитет. Најновиот, на кој ќе бидат посадени 50.000 багремови садници е посебно значаен за општина Новаци, која е и најзагрозена.

„Се одлучивме за багремови садници затоа што лесно се фаќаат, а од друга старана се добри впивачи на штетните материи. Друг бенифит е што во случај на пожар помалку страдаат и лесно самите се обновуваат“, вели директорот на „РЕК Битола“, Јовко Крстевски.

„Капацитетот се протега на територијата на нашата општина и дирекно влијае на еколошката средина. Одличната соработка со РЕК Битола ќе ја продолжиме и понатаму“, вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Ова е само еден сегмент опшествената одговорност на компанијата. Стручните лица велат дека на три локации околу комбинатот се мери дневната загаденост и дека голем дел од проблемите се амортизирани со неодамнешните капитални инвестиции.

„Штетните гасови значително се намалени по модернизацијата на турбо агрегатите и котлите на блоковите. Сега самото согорување и испуштање на штетните гасови е со намалена количина“, изјави Тони Паспаловски, помошник директор за инвестиции и развој.

Сепак вистинските еко- ефекти се очекуваат по реализацијата на следниот капитален проект- Топлификација на Битола.

 

Стевче Митревски