Протест на родителите пред локалната самоуправа во Кичево- бараат топли училници!
Шести ден нема настава за учениците од две училишта во Кичено и не се знае кога ќе продолжи. Родителите со протест пред градоначалникот и побараа решавање на проблемот...

Шести ден нема настава, а има студени училници за 1.200 основци во двете кичевски училишта: Кузман Јосифоски-Питу и Владимир Полежиноски. Родителите денеска на протест пред локалната самоуправа. Од градоначаликот бараат решавање на проблемот.
„Сакаме само да одат на училиште. Ништо друго. Да им се обезбеди правото на образование. Не обвинуваме никого. Само бараме решение на проблемот. Ништо друго“, вели Ангелина Стефаноска, родител.
„Кога да бидат подготвени за на училиште? Дали по два дена, по три, по пет? Овде е минато неопределено време. Ништо не кажува за колку врме. И прашувам: Зошто селективно?“, вели револтиран родител.
Според градоначалникот Дехари, одговор треба да се побара од бирото за стокови резерви и од владата.
„Значи, не сме во состојба да ги снабдуваме. Доставивме барање до владата да ни одговори позитивно и стоковите резерви со нафта за греење. Кичево е модел за соживот во државава и за овие 18 месеци немавме ниту еден најмал проблем во никоја област, особено во делот на образованието“, вели Фатмир Дехари, градоначалник на Кичево.
Директорите ги добиле блок-дотациите од министерството за образование за материјални трошоци, но блокираните сметки им ги изеле парите. Од септември се обраќаат до општината.
„По задолжение од службите на општина Кичево, оваа година распишавме јавен оглас за набавка на нафта, но на огласот не се пријави ниеден понудувач. Сега, бараме од градоначалникот помош за да се реши овој проблем, бидејќи учениците губат наства веќе шести ден“, вели Орце наумоски, директор на ОУ „Кузман Јосифоски-Питу.
Без огрев ќе остане и основното училиште „Санде Штерјоски“ со 1.300 ученици. Проблем засега немаат гимназиите „Мирко Милески“ и „Дрита“ како и руралните училишта. Во општината се 10 училишта со вкупно 6 500 ученици.
Елизабета Митреска
