Нови економски промотори во САД за засилена промоција на добрите производи на Македонија

03.11.2014 16:21

Оние кои се сметаат способни за економски промотор, треба да имаат две годишно работно искуство, а во мотивациското писмо кое ќе го достават треба да ги наведат нивните идеи за делување во САД и привлекување на инвестиции...

Економските промотори ќе работат во Њу Џерси и Конектикат, во Далас и Хјустон и еден во Минеаполис.  Заинтересираните треба во Агенцијата за странски инвестиции да аплицираат до 10-ти ноември. 

Нивната работа ќе се состои во наоѓање инвеститори, промовирајќи ги добрите производи на Македонија, ниските даноци за водење бизнис, квалификувана работна сила и можностите  во индустриските развојни зони.

Се става поголем акцент на Соединетите Американски држави кои и досега инвестираат во земјава, а имаат огромен потенцијал- вели владиниот портпарол. Во САД веќе работат промотори во Лос Анџелес, Вашингтон, Чикаго и Мајами.

„Цениме дека е добра можност за сите кандидати, за оние најспособни, најквалитетни кандидати, да аплицираат за да можат да се стекнат со можност да бидат избрани и да ја извршуваат оваа одговорна функција која што е значајна и за Република Македонија, но е значајна и за нивната кариера и нивниот професионален развиток“, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Оние кои се сметаат способни за економски промотор, треба да имаат две годишно работно искуство, а во мотивациското писмо кое ќе го достават треба да ги наведат нивните идеи за делување во САД и привлекување на инвестиции.

До крајот на ноември треба да бидат избрани економските промотори за Кина, односно Шангај и Гван Џу и за Осло, а започнува селекцијата на кандидатите за Единбург и Франкфурт.

Заедно со американските промотори се очекува постапката за избор да заврши до Нова година.

Околу 30-тина македонски промотори лобираат низ светот за Македонија, бизнис климата  и поволностите кои ги добиваат странските инвеститори.

 

Миле А. Ристески