Родителите на Дениса со молба до Премиерот - Инсистираат на повторна обдукција
Родителите на несреќно починатата Дениса Марковска инсистираат на повторна обдукција-молбата ја доставија и до премиерот Груевски...

Таткото на Дениса, Кирил Маркоски, денеска со писмо се обрати и до премиерот Никола Груевски, од кого како што наведува бара помош тој да интервенирал до Јавниот обвинител, за да даде одобрение да се направи нова споредба на ДНК материјалите, со трупот од Грција, кој најдоцна до среда треба да пристигне во Македонија. Маркоски во писмото до премиерот наведува :
„Како да знаеме дека своето дете го погребуваме ? Ве молиме разберете не. Помогнете и на нашата душа да се смири. Интервенирајте кај Јавниот обвинител да ни овозможи да направиме уште една ДНК анализа во нашите македонски лаборатории, за да бидеме сосема сигурни дека во ковчегот е нашата Дениса“, наведува Маркоски.
Маркоски вели дека не му е јасно зошто не му дозволуваат да направи нова споредба на ДНК материјалите кога анализата, која чини околу 650 евра, ќе си ја плател сам, и за тоа не бара помош од никого.
Јавниот обвинител кого денеска го контактиравме само ни кажа дека Обвинителството не е орган кој дава или не дава одобрение. Родителите можеле споредбата да ја направат и сами.
Директорот на Институтот за судска медицина пак, Алексеј Дума, останува на ставот од пред неколку денови дека без одобрение на Обвинителство тој неможе да го отвори ковчегот. Вели дека му требаат и електрофореграмите од обдукцијата направена во Грција, доколку тие се споредат со ДНК материјалот на родителите и тоа одговара, во тој случај не би имало и потреба од отворање на ковчегот, но сепак за се требало одобрение од обвинителство.
„Мора Јавниот обвинител согласно законот да даде одобрение, бидејќи во спротивно излегува дека ние по некаква приватна иницијатива вршиме унакажување на телото на покојниот“, рече Алексеј Дума, директор на Институтот за судска медицина во Скопје.
Од МНР пак истакнаа дека постапката за пренос на телото е веќе започната и во вторник парите на САВА осигурање ќе легнеле на сметката на грчката фирма за транспорт. Потоа телото од Родос со брод треба да се пренесе во Атина, а потоа во Македонија. Од МНР денеска пак рекоа дека телото ќе се носи директно во Институтот за судска медицина во Скопје. Се очекува тоа да пристигне најдоцна до среда.
Дарко Штаргоски
