Новата постава на Европската комисија почна со работа- предизвиците чекаат!
Во однос на проширувањето на Унија веќе е познато дека процесот ќе биде замрзнат во наредните пет години...

Денеска е првиот работен ден на новата постава на Европската Комисија. Финансиска стабилност, одржување на процесот на излегување од економската криза, економски раст, отворање на работни места, енергетска независнот се главните педизвици со кои тимот на Јункер ќе се соочува во наредните пет години.
„Со стартот на новата Комисија имаме исклучителна можност, но исто така и обврска да се зафатиме со работа и решавање на многу тешки геополитички ситуации, да ја зајакнеме економијата и да отвориме работни места во обединетата Европа“, вели новиот претседател на ЕК, Жан Клод Јункер.
Во однос на проширувањето на Унијата веќе е познато дека процесот ќе биде замрзнат во наредните пет години.
„Но, тоа не значи дека треба да се мирува во делот на нашите активности. Напротив, мојата задача е добро да ги подготвам државите кои сакаат да се прдружат во Европската Унија, и дека условите се целосно исполнети“, вели Јоханес Хан, еврокомесар за соседтво и преговори за проширување.
Дел од експертите сметаат дека сигурноста дека ќе се одржи на процесот на проширување на Унијата ќе биде навистина голем предизвик за Европската Комисија. Долгогодишниот аналитичар, Августин Полакај бара од кабинетот на Јункер да внимава на реториката.
„Без разлика на тоа што знаеме дека во наредните пет години ниту една земја нема да биде подготвена да влезе во ЕУ, не е добро што тие тоа постојано го повторуваат, затоа што ги обесхрабруваат државите кандидати. Која Влада, на пример би можела да носи тешки одлуки, кога им се вели дека нема да влезете во следните пет години во Европската Унија. Затоа тука гледам политички предизвик“, смета Полакај.
Полакај не очекува дека во наредниот период ќе има политичко решение за статусот на Косово, и Босна и Херцеговина, нуту пак за Македонија, која како што тој рече, го има бизарниот проблем со името, поради што нема датум за отворање на преговорите, иако години нанзазад ги задоволува критериумите за тоа.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
