Поддршка за земјоделските задруги - 21 милион денари за набавка на земјоделска механизација
Единаесет земјоделски задруги склучија договори за финансиска поддршка вредна 21 милион денари. Со тоа ќе можат да користат државна субвенција од дури 90% со што ќе можат да набават 81 парче најразновидна земјоделска механизација...

Државата плаќа 90 од секои сто денари потребни за набавка на нова механизација за земјоделските задруги. Целта е да се поддржи окрупнувањето на земјоделските производители и нивно опремување со најмодерна механизација. Годинава за нивно субвенционирање се обезбедени 161 милион денари.
„Потпишавме договор за 3 ,720 милиони денари. Ќе ги искористиме за механизација, за 5 трактори, 4 тракторски приколки, фрези, за прскачки, за подобро земјоделско производство“, рече Драги Памуков од земјоделската задруга од с. Куклиш.
Од постојните 20-тина, единаесет земјоделски задруги ги исполнија условите и склучија договори за субвенционирана набавка на 81 парче разновидна механизација во вредност од 21 милион денари. Се подобрија условите, процедурата за аплицирање е поедноставена, а зголемен е и опфатот на земјоделците кои конкурираат.
„Ако порано дибивавме 70 до 80 апликации, сега пристигнуваат над 400 апликации на секој јавен повик, но не е само бројот во прашање туку и вредноста на проектите за кои се аплицира“, вели Тони Димовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка и рурален развој.
До крајот на оваа година се повлекуваат средствата доделени за 2011-та, а до крајот на идната за 2012-та, појасни министерот Цветков. Парите одобрени лани ќе може да ги повлекуваме до крајот на 2016-та
„За 10 милиони евра потпишавме договори, а имаме уште 36 милиони. Се надевам дека со отпочнување на гарантниот фонд средствата што ни стојат на располагање ќе имаат уште поголем процент на искористеност“, рече Михаил Цветков, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во соработка со УСАИД работиме на формирање заеднички гарантен фонд кој ќе овозможи пред финансирање на проектите за користење ИПАРД средства и ќе биде оперативен од февруари 2015, најави министерот за земјоделство.
Свето Николовски
