Измени во Законот за поквалитетно здравство

03.11.2014 16:46

За измените и дополнувањата на законот за здравствена заштита ќе се дебатира во наредните десетина дена...

Колку таблети и колку инјекции добил еден пациент, колку време било потрошено за преглед, интервенција и рехабилитација? Сево ова ќе биде содржано во исписот од болницата. Колку еден пациент го чини јавното здравство, ќе се регистрира во новиот Национален систем за евиденција. Сите што нема да внесуваат податоци ќе бидат казнети.

„Сите податоци ќе бидат ставени во еден систем за да имаме комплетна и целосна контрола за користење на сите ресурси во јавното здравство. Овие мерки се преземаат со цел да се спречат злоупотребите“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров. 

За да се спречи нерационална употреба на инсулинот, министерот ќе ја формира националната комисија за дијабетес со мандат од четири години.

„Точно е пропишано кога се дава хуман инсулин, кога се дава аналог, кога се почнува со инсулинска терапија, тоа се пропишани работи што мора да се следат“, нагласи минисерот Тодоров.

Лекарите ќе се испраќаат во амбулантите и во болниците каде што има потреба од таков кадар, но не подолго од пет дена. Оние пак, кои непотребно ги праќале пациентите на компјутерска томографија или магнетна резонанца,  ќе мораат да поминат 20 часовна обука. Ова се дел од измените и дополнувањата на законот за здравствена заштита, за кои ќе се дебатира во наредните десетина дена.

 

Наташа Јанчиќ