Избори за американскиот Конгрес
Незадоволството е големо, но за демократите не е сѐ загубено!?
04.11.2014 10:20
Изборите се одржуваат на средината на претседателскиот мандат и се еден вид референдум, со лоши прогнози за демократите, кои може да го загубат сенатското мнозинство, а републиканците да го задржат во Претставничкиот дом...

Американците денеска гласаат за новиот состав на Конгресот, на Сенатот и за 36 гувернери. Изборите се одржуваат на средината на претседателскиот мандат и се еден вид референдум, со лоши прогнози за демократите, кои може да го загубат сенатското мнозинство, а републиканците да го задржат во Претставничкиот дом. Демократите порачаа дека не е сѐ загубено, но незадоволството е очигледно, а републиканците се во полн замав, особено во внатрешноста на Америка.
„Пораснав кастрирајќи свињи на фарма во Ајова. Кога ќе отидам во Вашингтон ќе знам како да сечам свинско“, вели Џони Ернст, кандидат на Републиканците од Ајова.
Во Вашингтон едно од клучните прашања на коешто демократите очекуваат поени е легализацијата на марихуаната во главниот град на Соединетите Американски Држави, кое поддржувачите го издигнаа на ниво на граѓанско право.
„Запираат повеќе афроамериканци и наоѓаат повеќе марихуана. Луѓето од белата заедница не ги запираат и не ги претресуваат толку често. Ваквата расна нееднаквост во политиката се оправдува преку марихуаната и апсењата“, смета Адам Ејдинџер, кампања за легализација на канабисот.
Главна точка останува економијата. Експертите велат дека на Америка и оди подобро од претходно, подобро и од другите развиени земји, а невработеноста е на стабилни 6 проценти.
Сепак, дистанцата меѓу граѓаните и Обама како политички херој на народот не била никогаш поголема, а од него се дистанцираа и демократите – само 44 насто од Американците имаат позитивно мислење, 20 проценти помалку отколку на почетокот на неговиот втор мандат.
Ова се едни од најскапите избори – 4 милијарди долари потрошени за исклучително негативна кампања. Право на глас имаат 316 милиони државјани, но се регистрирале само 146 милиони.
Ивана Салтировска
