Ципрас доаѓа во Скопје?

04.11.2014 11:45

Ципрас, чија што партија во моментов има најголема популарност во Грција, имал за цел да води тежок разговор за изгледите за наводната „агресија кон Грција“, со што ќе прател силен сигнал до грчката конзервативна и патриотска публика...

Лидерот на најголемата грчка опизициска партија СИРИЗА се подготвува да го посети Скопје, тврдат извори за грчкиот весник „Параполитика“. Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, весникот пишува дека преку ставовите што планира да ги каже во Скопје, Алексис Ципрас ќе испраќа силни сигнали до грчките патриоти и конзервативци.

„Посетата веќе почнала да се организира, со цел потенцирање на позицијата на СИРИЗА за прашањето за името на соседната земја“, пишува „Параполитика“ повикувајќи се на свои извори.

Тие тврдат дека Ципрас, чија што партија во моментов има најголема популарност во Грција, имал за цел да води тежок разговор за изгледите за наводната „агресија кон Грција“, со што ќе прател силен сигнал до грчката конзервативна и патриотска публика. По Скопје, според „Параполитика“, Ципрас ќе замине во посета на Белград каде што имал намера да инвестира во традиционалното грчко-српско пријателство.

Грчко-македонските односи, пак, биле тема на средбата во Солун меѓу министерот за Македонија и Тракија, Јоргос Орфанос и шефот на грчката канцеларија за врски во Скопје, Теохарис Лалакос. Било заклучено дека позитивната клима меѓу двете земји главно се рефлектира во економското поле. 

„Ги разгледавме сите податоци поврзани со грчките инвеститори во соседната земја, бидејќи ние спаѓаме во првите три инвеститори во регионот, а ги дискутиравме и можностите за инвестиции во нашата земја“, изјавил Орфанос по средбата.

Во однос на проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име, тој истакнал дека нема преземено нова иницијатива на оваа тема, бидејќи според него, дипломатското ниво им припаѓа на Обединетите Нации кои што имаат улога на медијатор во случајот.

 

Марија Котовска – постојан дописник на МРТ од Атина