„Магичен глас“ концерт за деца на Македонската филхармонија

04.11.2014 11:50

Во приказната, во која најмладите ќе имаат можност да уживаат во убавата музика на Копланд, Бернштајн, Римски-Корсаков, Моцарт, Верди, Штраус и Росини...

Во сабота, 8 ноември, во Македонската опера и балет во 12 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи првиот концерт од циклусот „Детски симфониски концерти“ во новата сезона.

Под наслов „Магичен глас“, концертот ќе донесе возбудлива музика, но и интересна приказна која ќе ги воведе најмладите во светот на фантазијата. Под диригентство на Ле Фи Фи, заедно со Македонската филхармонија ќе настапи младата афирмирана оперска певица, сопранот Билјана Јосифов, а аниматор и овој пат ќе биде извонредниот актер Мартин Јорданоски.

Во приказната, во која најмладите ќе имаат можност да уживаат во убавата музика на Копланд, Бернштајн, Римски-Корсаков, Моцарт, Верди, Штраус и Росини, се зборува за сонот на едно младо момче (Мартин Јорданоски) во кој тој има голема желба да стане оперски пејач.

Во неговиот сон, од една музичка планета доаѓа убавата и добра Вештерка (Билјана Јосифов) која ќе ги покаже тајните на оперското пеење. Низ актерска игра, проследена со многу фантазија и хумор, најмладите ќе имаат можност да се запознаат со магијата на гласот проткаен низ оркестарските звуци.