Инвестиции

Американски бизнисмени доаѓаат во посета на земјава

04.11.2014 12:42

Продолжува глобалното претставување на инвестициската клима во земјава. Во средиштето на светскиот бизнис, во Њујорк, владината делегација, предводена од премиерот Никола Груевски ги запозна американските бизнисмени со условите за вложување, ретко поволни за инвеститорите...

„Џонсон Контролс“, „Кемет Електроникс“ и „Амфенол“ го скршија мразот за американските инвеститори. Пред бизнисмени од Њујорк, најголемиот финансиски и економски центар во светот, претставени поволностите за правење бизнис во земјава. Тргна владиното роуд – шоу, организирано во соработка со „Фајненшл Тајмс“, кое треба да резултира со привлекување американски инвеститори, изградба на нови капацитети, со отворање работни места.

„Бизнис – климата во Македонија е многу добра, значително е подобрена во изминативе 7 до 8 години. На пример, во извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка, во 2006-та година бевме на 94-то, а сега сме на 30-то место. Македонија е подобро рангирана од 16 земји – членки на ЕУ, а најдобро сме рангирани од земјите во Југоисточна Европа. Овој извештај покажа дека Македонија има најниски даноци во Европа. Стапката на персоналниот данок на доход е 10%, а реинвестираната добивка не се одданочува“, рече премиерот Никола Груевски пред американските бизнисмени во Њујорк.

Освен официјалната презентација, реализирани се и повеќе директни средби со американски инвеститори. Откако ги слушнаа поволностите, дел од нив најавија посета на земјава и теренско скенирање на бизнис – потенцијалите. Американска компанија која произведува делови за автомото индустријата, како и софтвер за намалување од зависноста од електрична енергија откри дека сериозно ја разгледува Македонија, како место за нивниот нов деловен потфат.

„Јас навистина бев импресиониран од она што го слушнав. Затоа, кон крајот на годинава или на почетокот на јануари ќе ја посетам Македонија,  да направам проценка колку ќе нѐ чини почеток на производство во Македонија, кое би можело да почне до крајот на следната година“, изјави Ендру Лоза, сопственик на компанијата Смарт кулинг.

Поволностите во слободните економски зони, во кои бројот на вработени расте во континуитет, ниските даночни стапки и квалитетната работна сила, добрата поврзаност, се сетот фактори што ја прават Македонија исклучително атрактивна дестинација за правење бизнис – објаснуваат македонските власти.

„Имаше голем интерес кај инвеститорите за презентираните пакет поволности. Очекувам дел од нив да ја посетат и Македонија. Сметам дека ова роуд – шоу ќе има реално влијание на заинтересираноста на американските бизнисмени за Македонија и на нивните идни инвестиции“, смета вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Њујорк важи за центар на светската економија, седиште на компании – гиганти од секторите финансии, осигурување, прехранбена индустрија, градежништво, бизнисот со недвижности. По Њујорк, владиното роуд – шоу се сели во Чикаго.

 

Мартин Пушевски