Генерално собрание на Интерпол: Со соработка против транс- националниот криминал
Да се продолжи визионерската иницијатива за побезбеден свет. 100 години Интерпол – меѓународна полициска соработка. 83-то Генерално собрание во Монако. Тема „Одвраќање на криминалот“. Со зајакната полициска соработка да се одговори на транс- националниот криминал...

Министрите за внатрешни работи, за правда и безбедност ја разгледуваат натамошната меѓународната полициска соработка. Во фокусот е соочувањето со предизвиците на криминалот на иднината. Институциите секогаш мора да бидат чекор пред криминалците.
Примената на новите технологии, направи револуција за ефикасен одговор против криминалот, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Република Македонија и натаму останува свесна дека безбедноста е заедничка грижа на сите земји. Размената на информации и постојаната будност се клуч за успех, потенцира Јанкулоска.
„Република Македонија како земја членка на Интерпол активно партиципира во бројни меѓународни организации и Форуми каде што ги споделуваме нашите искуства и партиципираме со наши сили, но исто така Република Македонија во регионални рамки е земја која е стабилен партнер и водечка по однос на иницијативите и проектите кои се промовираат за заедничко полициско дејствување. Наша заедничка цел е да направиме напори со навремена размена на информации , со заедничко дејствување да им застанеме на патот на сите што се обидуваат да ја искористат технологијата и придобивките на современиот свет во функција на нарушување на човековите права и предизвикување закани по слободата и мирот во целиот свет“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Нагласено градењето силни институции за спроведување на законите и зголемена соработка на полицијата со приватниот и со јавниот сектор.
„Порастот на економската трговија и слободното движење на луѓето бара силна реакција од полицијата, што ги преминува границите на државите, за да не биде надминат од делата на криминалните индивидуи кои ги искористуваат предностите на нашиот глобализиран свет“, изјави Принцот на Монако, Алберт.
Историскиот собир ја нагласува визијата на светските лидери кои го создадоа Интерпол, зближувајќи ги полициите во сила против вечно променливата криминална закана, рече првиот човек на Интерпол.
„Терористичката закана не била никогаш посилна, додека сајберкриминалот се шири низ виртуелниот свет. Соочени со новите закани, агенциите за спроведување на законот се мобилизираа. Станаа подобро организирани, поопремени, пообучени и професионални“, нагласи Миреј Балестраци, претседател на Интерпол.
И покрај постигнатиот напредок, криминалот и тероризмот,и натаму се сериозна закана.
„Светот се смени и полицијата се приспособи на новите форми на криминал што и се закануваат на безбедноста на нашето општество“, рече Режис Асо, директор на Јавната безбедност на Монако.
Круна на 83-то Годишно собрание на Интерпол е заедничката декларација, со која ќе се охрабрат земјите членки да ги преземат неопходните чекори за јакнење на меѓународната полициска соработка во борбата против транс-националниот криминал и тероризмот.
Наташа Гркова-Петрушевска
