ЕК ќе создаде фонд за отворање нови работни места

04.11.2014 13:31

Во 2015-та година, економското закрепнување ќе биде бавно, најави потпретседателот на Комисијата за работни места и инвестиции, Јурки Катаинен...

Слаб економски развој и мал раст на инфлацијата следната година. Ова го предвидува извештајот на Европската комисија за 2014-та година, но и за наредниот период.

Растот, до крајот на годинава ќе изнесува 0,8 насто во еврозоната. Забрзувањето на економската активност е околу 2 насто. Европската унија мора да работи на три фронта, на развој на кредибилна фискална политика, развој на структурни реформи и на инвестиции.

Во 2015-та година, економското закрепнување ќе биде бавно, најави потпретседателот на Комисијата за работни места и инвестиции, Јурки Катаинен. Европската комисија ќе создаде фонд за отворање работни места.

„Ситуацијата со економијата и вработувањата не се подобрува доволно брзо. Европската Комисија е посветена на употребата на сите средства и ресурси за да овозможи повеќе работни места и раст во Европа. Ќе претставиме инвестициски план вреден 300 милијарди евра за поттикнување и одржување на економското заздравување. Забрзувањето на инвестициите е клучот на економското заздравување“, нагласи Катаинен.