Македонија со втор најголем раст на БДП во Европа

04.11.2014 14:36

Со раст на БДП од 3,3 проценти, Македонија е подобра од 28 земји-членки на Европската унија...

Република Македонија оваа година ќе има втор најголем раст на бруто-домашниот производ (БДП) во цела Европа, се наведува во есенската економска прогноза на Европската комисија.

Со раст на БДП од 3,3 проценти, Македонија е подобра од 28 земји-членки на Европската унија, како и од Унијата во целост, од Еврозоната, САД и Јапонија. Единствено Ирска, која пред неколку години беше под закана од финансиски банкрот, годинава е предвидено да заврши со економски раст од 4,6 отсто од БДП, што ја прави шампион во Европа.

Кипар, Италија и Хрватска се земјите што и годинава ќе останат во рецесија, додека Грција по седум години во рецесија, се очекува да оствари минимален економски раст од 0,3 отсто на БДП.

На високото второ место според растот на БДП Македонија, според прогнозата на Еврокомисијата, ќе остане и идната година, кога е предвиден раст од 3,4 проценти, додека за 2016-та година, БДП-то на нашата земја се очекува да има раст од 3,6 проценти.