Со Бабунски и со Георгиевски против Словачка
Селекторот Бошко Ѓуровски со две нови имиња во репрезентацијата...

Против лидерот во групата – со повратникот во тимот Даниел Георгиевски од Мелбурн и со суперталентот Давид Бабунски од Барселона. Предводникот на македонската фудбалска репрезентација Бошко Ѓуровски повика 20 играчи за евроквалификацискиот натпревар со Словачка на 15 ноември во Скопје.
Селекторот допрва ќе решава за концептот со којшто ќе им се противстави на Словаците. Ќе биде тоа со нафрлени топки кон единствениот класичен шпиц или со брзи додавања на нашите подвижни играчи, со оглед дека одбраната е послабиот дел кај ривалот.
„Можат да дадат гол и од ситуација којашто не мириса на гол. Затоа, ние ќе треба да бидеме паметни, да се поставиме блиску до нив, да не можат лесно да ја примат топката. Ќе мора да се браниме сите, но јас не отстапувам од определбата дека треба да играме напаѓачки, храбро, на свој терен да сториме се за да ги загрозиме“, вели селекторот.
Спроведување на планот Ѓуровски ќе очекува од неговиот главно стандарден избор. Во него нови имиња се Давид Бабунски, којшто повикот го заслужи со прикажаното во дресот на младата селекција против Романија и Даниел Георгиевски, којшто дури од Австралија ќе конкурира за бековските места. Алтернатива за голманот Пачовски овој пат ќе биде Богатинов. За одбраната покрај Георгиевски кандидати се и Ристовски, Алиоски, Мојсов, Шиков и Дамчевски. Средниот ред ќе го формира од Адеми, Глигоров, Демири, Трајковски, Стојков и Бабунски, а повторно најширок му е изборот напаѓачи со Јаховиќ, Костовски, Ибраими, Абдурахими, Велковски и со Ивановски.
Според техничкиот менаџер на репрезентацијата Илија Најдоски, атмосферата меѓу играчите е одлична, тие се свесни за важноста на мечот со квалитетниот противник.
„Со нивно професионално залагање во текот на сите 90 минути, ако одиграат исто како во Украина, убеден сум дека ќе оствариме добар резултат“, вели Најдоски.
На шест меча со Словаците, Македонија нема победа, само две ремија и четири порази. Во Скопје реми и два пораза. Бројките внесуваат немир, но селекторот не се плаши.
„Традициите се да се уриваат. Се надевам дека овој пат ќе ја урнеме традицијата“, вели Ѓуровски.
Натпреварот Македонија-Словачка ќе биде одигран на 15 ноември на Националната Арена „Филип Втори“ од 20.45 часот. МТВ директно ќе го пренесува.
