Во Кривогаштани отворена првата детска градинка
Инвестицијата за изградбата на градинката чини 5 милиони денари, 50 проценти се средства на Општината, а останатата полововина од парите ги обезбеди Министерството за труд и социјална политика. Градинката е изградена според сите најсовремени европски стандарди, со занимални, училници и кујна...

Дејана Тренеска од селото Кривогаштани има 4 годишна ќерка Евгенија. Бидејќи таа и нејзиниот сопруг се вработени, преку денот неа ја чувала нејзината баба. Вели се било во ред, но сепак на Евгенија и требала поголема социјализација. Денеска за прв пат во историјата општина Кривогаштани доби детска градинка, а Тренеска беше меѓу првите родители која го запиша таму своето дете.
„Друга е социјализацијата на децата во градинката, секако тука е и дружењето со повеќе дечиња. Начинот на кој се поминува денот тука, секако не е ист со начинот на денот како детето го поминува дома“, вели Дејана Тренеска, родител.
Заинтересираноста за градинката во Кривогаштани кај жителите беше огромна, уште на самиот старт се потполни капацитетот од 50 слободни места.
„Сега ќе бидеме ние послободни, ќе можеме без проблем нормално да одиме на работа, да завршиме некоја работо во домот, и секако социјализацијата на децата тука ќе биде далеку поголема отколку дома“, рекоа родителите кои тука ги запишаа своите деца.
Инвестицијата за изградбата на градинката чини 5 милиони денари, 50 проценти се средства на Општината, а останатата полововина од парите ги обезбеди Министерството за труд и социјална политика.
Градинката е изградена според сите најсовремени европски стандарди, со занимални, училници и кујна.
„Со оваа градинка значително се подобрува капацитетот и се создава нов капацитет во Општината, но се создаваат и услови за правилен раст и развој на на децата од предучилишна возраст“, рече Диме Спасов, Министер за труд и социјална политика.
„Се надеваме дека за кратко време во иднина ќе се создадат услови за отворање на уште една градинка во селото Обршани“, истакна Тони Заткоски, градоначалник на Општина Кривогаштани.
Дечињата тука имаат можност да добијат полудневен и целодневен престој.
Дарко Штаргоски
