Секој втор Македонец употребува по едно пакување седативи годишно

04.11.2014 14:59

Неконтролираната употреба на овие лекови предизвикува зависност- велат лекарите. Освен тоа ја забавуваат работата на мозокот, ја намалуваат концентрацијата, предизвикуваат поспаност. Особено се опасни за возачите...

Напнатост, вознемиреност, нарушено спиење, страв, нервоза-  сѐ поголем број граѓани имаат дијагностицирано депресија. Диазепам, лексилиум, хелекс- просечно, секој втор Македонец во годината употребил по едно пакување седативи. Лани се издадени над милион и 600-тини илјади рецепти. Диазепамот е најбаран, најмногу го купувале во Берово.

„Тука влегуваат само оние лекови кои се подигнати од аптека на товар на Фондот, а не и оние кои се купуваат на приватни рецепти и што се користат при болничкото лекување, што значи дека потрошувачката е уште поголема“, изјави д-р Игор Неловски, советник во ФЗОМ.

Неконтролираната употреба на овие лекови предизвикува зависност- велат лекарите. Освен тоа ја забавуваат работата на мозокот, ја намалуваат концентрацијата, предизвикуваат поспаност. Особено се опасни за возачите.

„Пациентот може многу брзо да развие толеранција на лековите, тоа значи дека е потребна се поголема доза за да се постигне саканиот ефект. Овие состојби може да се јават како кај пациенти кои го примаат лекот по препорака на лекар, така и кај тие што го злоупотребуваат“, смета д-р Ана Петрова, советник во Фондот.

Од Фондот за здравство им сугерираат на граѓаните, да имаат доверба во на лекарите и да не инсистираат на овие рецепти.

Матичните лекари издаваат седативи само еднаш месечно. Нивната препорака е што поретко да се употребуваат поради штетното влијание врз дишните патишта, односно го оневозможува соодветниот проток на кислород во организмот.

 

Андријана Атанасовска