Телото на Дениса пристигнува утре- одобрена е реобдукција во Македонија

04.11.2014 15:29

Дениса исчезна од бродот „Серинисима“ на кој што работела, на 12-ти септември...

Телото на Дениса Маркоска, се уште е во Грција. Според извори од семејството Маркоски, телото на трагично загинатата девојка, треба попладнево да биде префрлено од островот Родос во Атина. Се очекува да пристигне во Македонија во текот на утрешниот ден.

Семејството Маркоски побара правна помош за да се повтори обдукцијата врз Дениса со нова споредба на ДНК материјалите.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска дал овластување до Институтот за судска медицина бараните анализи од семејството на Дениса да бидат извршени во согласност со законот за здравствена заштита.

„Ве информираме дека согласно член 275 од Законот за здравствена заштита, ќе се изврши судско-медицинска обдукција на Институтот за судска медицина во Скопје“, стои во соопштението што денес Министерството за здравство го упати во јавноста.

Дениса исчезна од бродот „Серинисима“ на кој што работела, на 12-ти септември, додека бродот пловел во водите на Егејското море.