Македонија со втор најголем раст во Европа!

04.11.2014 16:21

Оваа тенденција ќе продолжи и наредната годината – оценуваат европските економисти. Позитивен тренд Македонија бележи и во однос на стапката на невработеност...

Со раст на БДП од 3,3 проценти, оваа година, Македонија е на второто место во Европа, веднаш после Ирска - стои во есенската економска прогноза на Европската Комисија.

Оваа тенденција ќе продолжи и наредната годината – оценуваат европските економисти. Позитивен тренд Македонија бележи и во однос на стапката на невработеност. Годинава се очекува таа да падне на 28,5 отсто, што е за цели 3 проценти во однос на предходните години, но и покрај тоа нашата држава во однос на овој сегмент останва на дното во Европа, позади Шпанија и Грција. 

Годинешниот буџетски дефицит на Република Македонија се очекува да биде четири проценти, што ја сместува земјата во средината на европската табела, додека пак јавниот долг на државата се очекува годинава да достигне 40,2 проценти и истиот да порасне до 43,5 отсто за две години.

Тоа, сепак, ја прави Македонија една од најниско задолжените на Европскиот континент.

Во документот на Европската Комисија за Македонија се вели дека динамиката на цените, зголемувањето на номиналните плати и пензиите, растот на вработувањата, робустните дознаки од странство и силното трошење општествен капитал, ќе ја зајакне приватната потрошувачка и инвестициите.

Еврокомисијата за нашата земја потенцира дека економското заздравување напредува, управувано од натамошното зајакнување на домашната побарувачка, со посебен акцент на јавните и странски директни инвестиции и динамичната извозна активност.

Марина Стојанова- Тонева