Светски експерти од авио и автомобилската индустрија во „Микросам“
Македонија е една од 4 земји во светот, заедно со САД, Франција и Шпанија во технологијата за производство на композитни делови за авиони и сателитска опрема. Светските експерти од авио и автомобилската индустрија од денеска на меѓународен семинар во прилепски „Микросам“. Македонија наскоро ќе ги добие и првите доктори на наука во високата технологија

Прилеп е домаќин на светските експерти од авионската и автомобилската индустрија. 40-ината експерти и учесници од Русија, САД, Италија, Германија и од Унгарија три дена ќе говорат за трендовите во автоматизацијата во композитното производство. Македонија преку Микросам е една од четирите земји во светот, заедно со САД, Франција и Шпанија во технологијата на композитни делови за авиони и сателитска опрема. Ова е потврда за светското реноме што го има земјава.
„Покажува колкав углед ужива „Микросам“ и Институтот за композитни материјали во тоа подрачје. Ние сметаме дека ова ќе даде еден голем поттик на научноистражувачката работа во Македонија во подрачјето на композитни материјали“, вели Благоја Самакоски од „Микросам“.
Експертите љубоморно ги чуваат тајните од врвните технолошки достигнувања, но ги разменуваат искуствата од истражувањата.
„Во моментов градиме наш Институт во Русија и при истражувањето на пазарот откривме дека ова е една од ретките компании кои ги произведуваат три типа на потребни податоци и машини“, вели експертот Зафер Гурдал.
Овде, во лабораторијата на Институтот ќе работат светските експерти во авио-индустријата и учесниците на семинарот. Тука и првите истражувања ќе ги направат и првите македонски доктори на науки по композитни материјали.
Македонија наскоро ќе ги добие првите доктори на науки.
„Одиме во насока на изготвување докторски студии кои од оваа година ќе бидат акредитирани и на македонски и на англиски јазик каде што јаголем дел од наставата ќе се изведува овдека“, вели Блажо Боев, проректор на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Ова е втор семинар во Микросам на светските експерти од авио и автомобилската индустрија.
Елизабета Митреска
