Јегуновчани бараат решение за загадувањето од Југохром
Комбинатот „Југохром“ од Јегуновце работи со намален капацитет. Има шест месеци за да ги воведе еколошките стандарди. Јегуновчани бараат да се реши проблемот со загадувањето, но без да ги изгубат работните места.

Воздухот мириса на чад. Ова е убав предел од Полог, но магливата атмосфера потседува на загадувањето од оџаците на Југохром.
Ги прашавме жителите на Јегуновце што им е поважно во животот здравјето или работата.
„Здравјето ми е на прво место, па работата и се останато. Ако не си вработен и здравјето ќе го изгубиш“, вели жителка на Јегуновце.
„Здравјето, зошто ако немаш здравје џабе е се да имаш“, рече жител на Јегуновце.
„Кога си здрав ќе можеш и на работа да си одиш“, смета една јегуновчанка.
„Ние како месна заедница сме за фирмата да работи, но да се обезбеди и да нема загадување“, велат од Месната заедница Јегуновце.
Јегуновчани бараат да се реши проблемот со загадувањето, но без да ги загубат работните места. Во комбинатот се обидовме да дознаеме како ќе тече воведувањето на еколошките стандарди.
Раководството не беше расположено за разговор. Од „Југохром“ само телефонски не информираа дека ќе ги следат одлуките на Владата.
Компанијата доби нови шест месеци за да го реализира оперативниот план. Во спротивно, според ресорниот министер, ќе следува затворање.
„Тие треба да постапат според оперативниот план. Тоа ќе биде будно следено од нашето министерство. Во спотивно, после шест месеци, и на нив ќе им дојде крајот и ќе се затворат“, изјави Нурхан Изаири, министер за екологија.
Во Југохром има околу 1200 вработени. Според синдикатот засега никој не е испратен дома. Компанијата веројано има најмногу вработени во регионов, но се смета и за најголем негов загадувач.
Зоран Јованоски
