Средба Јанкулоска- Жнидар: Продлабочување на полициската соработка меѓу Македонија и Словенија

04.11.2014 16:59

Соговорниците констатирале дека меѓу двете земји нема отворени прашања, досегашната меѓуполициска соработка ја оцениле како исклучително успешна...

Во Монако средба на министрите за внатрешни работи на Македонија и на Словенија, Јанкулоска и Жнидар. Продлабочување на полициската соработка била во фокусот на средбата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и министерката за внатрешни работи на Република Словенија, Весна Гјоркос Жнидар.

Соговорниците констатирале дека меѓу двете земји нема отворени прашања, досегашната меѓуполициска соработка ја оцениле како исклучително успешна, како на билатерален план така и во рамки на повеќето регионални и европски иницијативи и проекти во коишто заеднички партиципираат двете министерства.

Во насока на продлабочување и интензивирање на соработката на средбата, министрите Јанкулоска и Жнидар разговарале и за операционализацијата на повеќе иницијативи во наредниот период, пред сѐ нотирајќи ја потребата од изготвување и потпишување на Договор за полициска соработка, потоа околу договорот за реципрочно признавање на возачките дозволи, соработка во областа на размената и едукацијата на полициски кадри и друго.

Средбата беше одржана на маргините од 83 -то Генерално собрание на Интерпол што се одржува во Монако, Франција.

Наташа Гркова- Петрушевска