Опозицијата останува на бојкотот
„Враќање во парламентот нема“, изјави лидерот на СДСМ по средбата со Жерновски и Петковски. Од опозицијата со став дека и натаму се услов разговори со власта за познатите теми. За разлика од првиот човек на ЛДП кој вчера бараше стратегија за дејствување, Заев денеска вели дека стратегијата е јасна. Од утре почнуваат и со трибини...

По средбата на Заев со Петковски и Жерновски уште еднаш потврдено дека остануваат на одлуката нема враќање во парламентот. Единствената тема за која што се разговарало речиси час и половина колку што траеше средбата биле опозициската стратегија. Без поконкретни информации и без можност за дополнителни прашања, Заев само ја најави следната активност.
„Имплементацијата на четирите столбови е во тек, новина е тоа што од утре почнуваме трибини по Македонија, 16 града се дефинирани. Утре е Битола кадешто претставниците на опозицијата и јас ќе отвориме дебата со граѓаните за актуелните политички случувања“, рече Зоран Заев.
Да се излезе со конкретна јасна стратегија којашто ќе прати порака кај граѓаните дека се има концепт, лошо е ако опозицијата прати порака дека нема концепт тоа е многу лошо, ова е изјавата на првиот човек на ЛДП дадена ден пред средбата. По средбата со Заев, Жерновски не даде изјава дали коалициските партнери досегашното дејствување го оценуваат како препознатливо за граѓаните. За 5 илјади тимови на СДСМ на терен од партијата велат дека сеуште не стартувале со активностите. Во изминатиов период дел од членството го подготвувало теренот за наскоро тимовите да почнат да ѕвонат на секоја врата како што најавија.
На „Павел Шатев“ дојдоа и петте пратеници на НСДП и ЛДП. Иако првично беше најавено дека само тие ќе се сретнат со Генералниот секретар на социјалдемократите на средбата присуствувале и Десковска и Сугаревски. По последната средба на Извршниот одбор со пратеничкиот тим на СДСМ дел од нив како што брифираа ја приспитуваат одлуката за поднесените оставки бидејќи како што велат не гледаат причина зошто да опстојат на ставот ако немаат никакви аргументи за неговата оправданост.
Виолета Димовска
