Нови главоболки за Обама: Републиканците освоија мнозинство во Конгресот и Сенатот
Републиканците со освоени 52 сенаторски места добија мнозинство во двата претставничка дома, Конгресот и Сенатот. Се остварија прогнозите на аналитичарите дека овие избори ќе бидат своевиден референдум за мандатот на претседателот Барак Обама, којшто во моментов има најнизок рејтинг со околу 40% поддршка...

Американците ја казнија администрацијата на американскиот Претседател Барак Обама доделувајќи им мнозинство во Конгресот и Сенатот на Републиканците. Многу американски гласачи не излегоа на гласање, а оние што гласаа го искажаа својот револт од политиката и економската ситуација гласајќи против Демократите.
„Мислам дека ќе биде возбудливо да се види што ќе се случи сега.“
„Сакам да се жалам, и затоа морам да гласам за да можам да се жалам.“
„Овие избори нормално во Америка не се привлечни како претседателските. Но, се избира градоначалник во Дистриктот Колумбија, гувернер во Мериленд и балансот во Сенатот е во прашање, па затоа овие избори се многу важни“, велат гласачи од Вашингтон.
Најмногу гувернери во 46-те сојузни држави каде имаше избори за гувернерското место повторно се Републиканци. Дури и традиционално демократскиот Вашингтон имаше проблеми при изборот на Градоначалник и Градски Совет, вели кандидатот за Советот на Вашингтон којшто го интервјуиравме.
„За мојот избор ќе има многу тесна трка. Има 50 кандидати и најрано вечерва ќе видиме кој ќе победи“, изјави Калит Питс, кандидат Демократ за пратеник во Градскиот Совет на Вашингтон.
Обама има уште две години од мандатот, но ќе се соочи со пречки од Републиканското мнозинство во Сенатот и Конгресот. Аналитичарите оценуваат дека администрацијата во Белата куќа нема да ја смени својата политика по овој пораз. Европа ќе остане во сенка на интересот на администрацијата на Обама, а малку е веројатно дека тој во преостанатиот дел од мандатот ќе направи компромис со Републиканците коишто инсистираат да продолжи проширувањето на НАТО.
„Мислам дека Републиканците ќе го поставуваат прашањето за Европа и повеќе ќе биде присутно во медиумите, но немаат моќ да го присилат Претседателот да ја смени надворешната политика. Повеќе или помалку таа ќе остане иста, но ќе има повеќе критики од Републиканскиот Конгрес за политиката кон Европа“, смета Џон Фортиер, Директор на Проектот за демократија во Вашингтон.
„Мислам политиката на Америка кон проширувањето на НАТО ќе биде вистинска битка меѓу Претседателот и Републиканците. Мнозинството во Конгресот претпочита да има проширување“, вели Џон Зогби, аналитичар од Аналитичкиот центар Зогби.
Републиканците добија 10 места повеќе во Конгресот со што го држат најголемото мнозинство за Републиканците што не е забележано од времето по Втората Светска Војна. Ветија дека ќе соработуваат со Претседателот Обама на подобрување на економијата и реформата на даноците, но најавија дека ќе се борат да ја поништат реформата за здравственото осигурување позната како Обама- Кеар и да спречат легализацијата на имигрантите.
Исто како и на изборите во 2012-та година, Републиканците повторно го освоија мнозинството во американскиот Конгрес.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
