Почнува „Агрофуд 2014“
05.11.2014 09:29
Се очекува саемот да го посетат околу 15 илјади посетители кои ќе имаат можност да започнат или да ја продолжат соработката со компании од регионот...

Компании од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и за првпат од Холандија од денеска до сабота ќе се претстават на најстарата саемска манифестација „Агрофуд 2014“.
На 64-тиот „Агрофуд“ ќе бидат презентирани најновите достигнувања во областа на земјоделството како што се новите машини во земјоделската агромеханизација, разните видови вештачки ѓубрива, машините во индустријата за пакување и амбалажирање на храна и пијалоци, како и новините во конзервната индустрија, органската храна, хортикултурата.
Во рамки на манифестацијата во конгресниот центар на Скопски саем ќе се одржат и трибини посветени на менаџирањето на фарма преку информатичко-комуникациските технологии, на перспективите на прехранбената индустрија и адаптацијата на земјоделството кон климатските промени.
Се очекува саемот да го посетат околу 15 илјади посетители кои ќе имаат можност да започнат или да ја продолжат соработката со компании од регионот.
Саемот ќе биде отворен од 10 до 18 часот, а влезот е бесплатен.
