Kомпромис за нова Влада на Бугарија?

05.11.2014 11:36

Според најави од партиски извори, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев уште денеска на ГЕРБ ќе и го додели мандатот за формирање на владиниот Кабинет, кој се очекува да стапи на должност по 10 ноември...

„Бугарија е на чекор од спасот“, оценуваат во денешните издание софиските весници, наведувајќи дека на повидок е постигнување договор за формирање нова бугарска коалициска влада предводен од лидерот на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и поранешен премиер Бојко Борисов.

Според најави од партиски извори, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев уште денеска на ГЕРБ ќе и го додели мандатот за формирање на владиниот Кабинет, кој се очекува да стапи на должност по 10 ноември.

По двенеделни преговори меѓу ГЕРБ и коалицијата Реформаторски блок (РБ), постигнат е начелен договор партијата на Борисов во новата влада да има 11 министри, реформаторите – шест, а еден ресор да добие партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ). Покрај ова, РБ ќе го добие и едно од трите вицепремиерски места.

По завршувањето на преговорите меѓу ГЕРБ и РБ доцна синоќа, Борисов изјави дека ја донел најтешката одлука во неговиот живот.

Сите направивме огромни компромиси сами со себе, но со јасно сознание дека сме должни да го направиме тоа со цел Бугарија да излезе од кризата, објави Бориспов на својот профил на Фејсбук.

Првично беше најавувано дека во новата влада најверојатно ќе учествува и националистичкиот Патриотски фронт (ПФ), но оваа партија доцна синоќа соопшти дека нема го поддржи владиниот кабинет на Борисов

Осврнувајќи се на договорот за формирање на новата бугарска влада весникот „Труд“ наведува дека сите граѓани имаат право да знаат каков компомис направиле ГЕРБ и РБ при договрањето на коалицијата, запрашувајќи „која е цената на компромисот?“.

Весникот нагласува дека договорот нема да добие поддршка од јавноста се додека луѓето не бидат сигурни дека во коалицискиот договор нема тајни клаузули.

„Труд“ потенцира и дека лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол е „нотар на договорот“ меѓу ГЕРБ и РБ, алудирајќи дека двете десноцентирстички политички формации се согласиле да формираат заедничка влада под притисок на нивните европски партнери од ЕПП.

„Стадарт“ смета дека е постигнат договор за формиарње „кабинет за одење по јаже над амбисот“, нагласувајќи дека на колицијата на ГЕРБ, РБ и АБВ ќе им биде потребна дополнителна поддршка во Народното собрание, имајќи предвид дека трите коалициски партнери заедно имаат 118 пратеници или три помалку од неопходните 121 за парламентарно мноизнство.