Инвестиции

Македонија- атрактивна дестинација за бизнисмените од Чикаго

05.11.2014 12:37

Владиното роуд – шоу продолжи во Чикаго, во градот – седиште на бројни компании од листата „500 најголеми“ на Форчн. Пред американските бизнисмени беа претставени поволностите во слободните зони, квалитетната работна сила, атрактивниот даночен пакет, стабилната економија...

Уште една американска компанија е пред носење одлука да инвестира во Македонија. Првиот човек на „Гленмон глобал солушн“ планира да отвори фирма во која би биле ангажирани висококвалифкувани инженери и проектанти. Деталниот бизнис – план ќе го скрои по посетата на земјава. Смета дека голем плус е што кај нас, реинвестираната добивка не се одданочува.

„Даночнато политиката е многу важна при носењето одлука за инвестирање. Во Македонија, даноците се ниски, а Владата е пријателски настроена кон бизнисот. Тоа е многу важно за секоја компанија која сака да инвестира преку Атлантикот“, изјави Давид Јонќосек, бизнисмен од САД.

Владиното роуд – шоу продолжи во Чикаго, во градот – седиште на бројни компании од листата „500 најголеми“ на Форчн. Пред американските бизнисмени беа претставени поволностите во слободните зони, квалитетната работна сила, атрактивниот даночен пакет, стабилната економија.

„Во првите шест месеци од годинава забележавме економски раст од 4,1 процент, највисок во Европа. Лани бевме трети во Европа, а вчера Европската комисија излезе со прогноза, која покажува дека според нивните анализи, Македонија годинава ќе ја заврши со втор најголем раст во Европа. Ова е добар индикатор, кој покажува дека македонската Влада води здрава и стабилна макроекономска политика“, нагласи премирот Никола Груевски.

Добриот глас надалеку се слуша. Можностите за правање бизнис во Македонија ќе им бидат пренесени на уште 3.500 компании – членки Стопанската комора на Илиноис.

„Сум била на многу бизнис – презентации од страна на многу земји, но морам да признаам дека апсолутно сум импресионирана од она што го слушнав за Македонија. Импресионирана сум од можностите за правење бизнис, од правната рамка и бизнис – климата, од она што го говорат компании кои инвестирале“, изјави Лаура Ортега Ламела, извршен директор на Стопанската комора на Илиноис.

Според првиот човек на слободните економски зони, презентација од американската „Кемет Електроникс“ и нивното бизнис – искуство во Македонија, ќе повлече нови инвеститори од САД.

„Беше многу важно да го слушнат искуството на компаниите кои веќе се присутни во Македонија, на кој начин тие го започнале својот бизнис, колку брзо и ефективно успеале да постигнат резултати и над нивните очекувања“, истакна Виктор Мизо, дирекотор на слободните економски зони.

Чикаго е трет град во САД, по бројот на жители и по големината на бруто – регионалниот производ, еден од водечките финансиски центри и седиште на високотехнолошки компании.

 

Мартин Пушевски