Проблем со греење: Учениците во Струга ја прекинаа наставата
Советот на родители во ОУ „Јосип Броз Тито“ во Струга донесе одлука да се прекине наставата се додека не се реши проблемот со греење. Овој проблем се провлекува неколку години наназад...

Денес во ОУ „Јосип Броз Тито“ вратите беа затворени. Децата не се на настава затоа што Советот на родители реши така. Децата повторно ќе се вратат во училишните клупи кога ќе има и нафта за греење.
Без настава ќе бидат и училиштата во Враништа и Мислешево, додека училиштето во Радожда ќе продолжи со редовна настава. Причината е стар долг на училиштата и блокираната сметка.
„Заради технички причини нашето училиште е блокирано, нашата сметка веќе 2 години е блокирана и тендерот за греење го има општината. Заради тие технички причини ние се стрпивме цела недела и во постојани преговори сме со секторот за образование во општината и се надеваме дека во текот на денешниот ден ќе добиеме нафта и дека од утре наставата ќе се нормализира“, вели в.д. директорот на ОУ „Јосип Броз Тито“ во Струга, Тони Савески.
„Почна грејната сезона. Колку толку не послужи времето, училниците се типично јужни и северни. Во северната страна е невозможно да се одржи настава и вчера одржавме состанок на кој одлучивме да има прекин на наставата“, вели Крсте Бунчески од Советот на родители.
Од општина Струга ја потврдија оваа информација дека нафта ќе има уште во текот на денешниот ден.
„Ние како општина го преземаме и ланскиот долг за училиштата како и годинашниот да го исплатиме целосно“, рече Сурија Рашиди од секторот за Образование во општина Струга.
Долгот кој го имаат струшките училишта заклучно со месец мај оваа година изнесува 92 милиони денари.
Јованчо Наумоски
