Современата опрема - спас за земјоделството
Земјоделците преку ИПАРД програмата плаќаат 50% помалку за новите машини кои ја зголемуваат конкурентноста на земјоделското производство...

Обилните врнежи од дожд го преполовија родот на лозарите. Тие се соочија со загуби и до 70%. Излез бараат во субвенциите и новите програми. Mладата земјоделка од Струмица, Васка Мојсовска има бизнис со овошни насади и лозје. Вели новата опрема и го олеснила производството и обезбедила егзистенција.
„Ние имаме искористено дел од програмата за рурален развој. Во иднина планираме да аплицираме за програмата за ИПАРД, се со цел повеќе да го модернизираме нашето земјоделско стопанство“, вели Васка Мојсовска.
Интересот за современа земјоделска механизација е се поголем вели агробизнисменот Велковски. Италијански, индиски и турски трактори можат да се најдат на домашниот пазар. Земјоделците преку ИПАРД програмата плаќаат 50% помалку за новите машини кои ја зголемуваат конкурентноста на земјоделското производство.
„Интересот за програмата на ИПАРД е многу голем. Мислам дека веќе почнува да се развива свеста кај нашите земјоделци дека иднината е во механизацијата. Кога ќе купи нов трактор, тој заштедува и време и пари“, смета агробизнисменот Мирко Велковски.
Земјоделството опфаќа 13 проценти од БДП, вработува 17 проценти од работната сила. Зголемување на извозот на земјоделските производи е шанса за развој.
„Како еден од приоритетите на Владата на Република Македонија на кој се посветува големо внимание е презентација на македонските производи во земјите кои имаат огромен потенцијал за апсорбција и прераснуваат во брзорастечки пазари, заради големиот број на потрошувачи и постојаното зголемување на куповната моќ“, нагласи министерот за земјоделство, Михаил Цветков.
Лани биле инкасирани повеќе од 600 мииони евра од извоз на земјоделски производи.
Дијана Ценевска
