Со помош на субвенции, отворен првиот дом за стари лица во Сопиште
Инвестицијата чини 350.000 евра и отворени се 20 нови работни места...

Лоциран недалеку од главниот град, во мирно и тивко опкружување - нов дом за нега на стари лица. Медицински сестри, негувателки, доктори, физиотерапевти се само дел од тимот кој ќе нуди 24 – часовна грижа за пензионерите.
Дабеска ги искористи субвенциите на Владата за отворање бизнис. Вели дека на почетокот е најважно да се има финансиска подршка. Инвестицијата чини 350.000 евра и отворени се 20 нови работни места.
„Ние искористивме доста поволност во однос на субвенции како што е ипард кој ќе покрие 25 насто и обуките од АВРМ и сакам да ги потикнам сите кои сакаат да отворат старт- ап бизнис“, вели Дабеска Даниела, сопственик на „Резиденција Дабески“.
Министерот Диме Спасов рече дека во иднина инвеститорот ќе може да ги користи обуките што се реализираат преку Агенцијата за вработување.
„Предвидовме повеќе поволности меѓу кои и почетна продажна цена за локации наменети за приватни градинки и приватни домови за стари лица од едно евро по метар квадратен. Исто така намалување на комуналните такси за изградба на вакви објекти за 95%“, истакна министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Овој приватен дом е прв во Сопиште.
„Во најсокор време се најавува отворање на уште еден дом за згрижување на возрасни лица со што ќе се обезбедат дополнителен број на вработувања во нашата општина“, рече Стефче Трповски, градоначалник на Сопиште.
Пензионерскиот дом почна да се гради пред две години, а ќе има капацитет за згрижување на 30 лица. Досега се отворени 16 приватни установи, а уште 11 инвеститори почнале постапка за отворање вакви домови во повеќе општини.
Викторија Тодоровска
