Австриски градежни компании бараат локални парнери за учество на меѓународни тендери

05.11.2014 17:20

Двете стопански комори направија прецизна селекција на фирми кои учествуваат на бизнис форумот затоа што имаат јасна цел, заеднички настап на големи проекти во земјава...

Седум австриски и 28 македонски компании разговараат за заеднички настап на големите меѓународни тендери за реализација на крупни инфраструктурни проекти. Во фокусот се патните Коридори 10 и 8, како и изградбата на железничката линија кон Бугарија.

Моќните австриски компании имаат потенцијал и знаење и бараат локални партнери со кои заеднички би се појавиле на тендерите кои се финансираат преку европските финансиски институции и Светската банка.

„Да се најдат силни локални партнери со кои можеме да соработуваме во Македонија, кога ќе дојдат за имплементирање на проекти. Мислам дека денеска најдовме добар избор на компании“, вели Владимир Зивсовски, претставник на Талес група од Австрија.

Двете стопански комори направија прецизна селекција на фирми кои учествуваат на бизнис форумот затоа што имаат јасна цел, заеднички настап на големи проекти во земјава.

„Големи средства од ЕУ ќе се влеат во Република Македонија, а тоа е интересно за австриските фирми кои сакаат да соработуваат на ова поле“, изјави Герхард Шлатл, економско аташе во Австриската амбасада во Скопје.

Австрија е втор по големина странски инвеститор, а трговската размена се интензивира.

„За девет месеци во 2014-та година имаме зголемување на извозот за 14%, а имаме зголемување и во увозт за 0,76%“, вели Јелисавета Георгиева, Стопанска комора на Македонија.

Бизнис контактите на фирми од двете земји продолжуваат утре и задутре, на Виенскиот бизнис форум на кој ќе учествуваат десетина македонски прехранбени компании.

 

Свето Николовски