Ставрески: Голем интерес на американските компании за инвестиции во Македонија
Tреба да останеме фокусирани на америкнскиот пазар, да продолжеме со бизнис- форуми тука во САД и да настојуваме да донесеме нови фирми. Има добри шанси врз основа на досегашните инвеститори, како и интересот што го гледаме низ форумите во САД, изјави вицепремиерот Ставрески...

Американските компании покажуваат голем интерес за инвестирање во Македонија. Тоа е пазарот, кадешто треба и во иднина да се фокусираме, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Амфенол, веќе имаат свои бази во државава. Изградената инфраструктура во технолошко- индустриските развојни зони, овозможува странските компании полесно да се решат за инвестирање.
„Задоволни од условите што ги имаат во Македонија се одлучија за втора фабрика, таков е случајот со Џонсон Контролс, кој во 2007 година ја направи првата инвестиција, а 4-5 години подоцна втората во Штип, каде што имаат околу 1.300 вработени, а ќе стигнат до 1.500. Кемет Електроникс исто така достигнаа околу 250 вработувања во Македонија, а неодамна ни соопштија дека ја префрлаат и базата за услуги од Европа во Македонија, што се нови 25 вработувања, со можност и понатаму да стигнат до повеќе вработувања. Сето тоа покажува дека треба да останеме фокусирани на америкнскиот пазар, да продолжеме со бизнис- форуми тука во САД и да настојуваме да донесеме нови фирми. Има добри шанси врз основа на досегашните инвеститори, како и интересот што го гледаме низ форумите во САД. Верувам дека ќе има нови американски инвестиции во Република Македонија“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Потврда за ангажманите во подобрување на условите за инвестирање во Македонија и наоѓање на најсоодветна локација, е и наградата на ФДИ Магазинот, со која зоните во Скопје беа прогласени за најдобри зони за големи мултинационални компании во Европа.
