Голем потенцијал за извоз на свежа храна и вино во Шведска
Шведски експерти ќе ги запознаат македонските извозници со потенцијалот и потребите на тамошните увозници, како и со стандардите што се бараат од производителите...

Со помош на шведска владина агенција „Опен трејд гејт Свидн“ се одржува семинар на кој 24 македонски компании се запознаваат со можностите за извоз на свежа храна,овошје и зеленчук на шведскиот пазар. Станува збор за специјализирани домашни компании кои веќе извезуваат прехранбени производи на европскиот пазар.
Шведски експерти ќе ги запознаат македонските извозници со потенцијалот и потребите на тамошните увозници, како и со стандардите што се бараат од производителите. Амбасадорот Страфансон смета дека има голем потенцијал затоа што Македонија произведува квалитетна храна.
„Може многу повеќе да се направи. Шведска е мошне отворен пазар и увезува многу свежа храна. Шведските купувачи се отворени и сакаат да вкусат нови производи што доаѓаат од други земји. Квалитетот на вашата свежа храна, овошјето, зеленчукот и виното се многу високи и се надевам дека овој семинар ќе придонесе да се зголеми нашиот увоз од Македонија, односно свежо овошје, зеленчук, храна и вино на шведскиот пазар“, изјави Матс Страфансон, амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија.
Еден од најголемите добавувачи на вина во Шведска кој е одговорен за цела Скандинавија е заинтересиран за македонските вина, особено за вранецот.
„Пред два дена македонските вина влегоа на листата на еден од најголемите шведски добавувачи на вина, кој е одговорен за цела Скандинавија и ова го сметаме како позитивен сигнал и веруваме дека и останатите производители ќе го постигнат истиот ефект“, изјави Климент Шеќеровски, заменик директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
Свето Николовски
